
Здравствениот дом во Охрид со години тоне во долгови
Сместен во старата зграда на маларична, изградена пред повеќе од седум децении, која се распаѓа како од надвор, така и од внатре, Здравствениот дом во Охрид, за кој сите досегашни власти предизборно ветуваат дека ќе биде модернизиран, со години тоне во долгови и пропаѓа. Ништо подобри не се ниту условите за работа во амбулантите и службата за Брза помош, кои работат во склоп на установата. Но, не недостигаат само услови за работа, туку и пари.
Наместо за унапредување на дејноста поранешниот директор на установата до 2016 година и неговите најблиски соработници проневериле 7,5 милиони денари, за што против нив се води судска постапка, која се уште трае.
Лошото менаџирање со установата го потврдува и Извештајот на Државниот завод за ревизија за финансиското работење на Здравствениот дом во Охрид со сметката за средства од ФЗОМ во 2016 година, објавен неодамна. Во него се нотирани сериозни пропусти во сметководствената и материјалната евиденција, како и внесување на невистинити податоци кои не кореспондирале со реалната финансиска состојба на установата.
„Со увидот во начинот на евидентирање на деловните книги на Здравствениот дом Охрид, годишната сметка, како и електронски бази на податоци добиени од економскиот оператор креатор на софтверските апликации, утврдивме неусогласеност на состојбите искажани во бруто билансот кој првично и беше доставен на ревизијата, и годишната сметка за одредени позиции од биланост на состојба“, се вели во извештајот.
Неправилности ревизијата констатирала и во извештајот за сметката од програмите за здравствена заштита при што биле утврдени големи несогласувања и финансиски разлики во значителни суми, за кои немало соодветни документи. Сериозни пропусти биле воочени и во наплатата на услуги од пациенти но и од правни субјекти. Иако имал милионски побарувања, Здравствениот дом Охрид не си ги барал парите.
„Здравствениот дом има ненаплатени побарувања по основ на извршени здравствени услуги од 4.49 милиони денари од општата болница Охрид и други здравствени организации, правни и физички лица, кои во најголем дел произлегуваат од минати години, а одговорните лица немаат преземено соодветни мерки за наплата“, се констатира во извештајот.
Но, финансиските проблеми на Здравствениот дом Охрид не завршуваат тука. Установата има ненаплатени побарувања од вработени по разни основи во висина од 1.8 милиони денари, како и над 500 милиони денари од Министерството за здравство за извршени услуги, но и судски процеси во кои установата е тужена за над 400 милиони денари. Дополнително, Здравствениот дом заедно со Општата билница во Охрид се тужени и по основ на лекарска грешка за сума од 68 милиони денари.
Горан Момироски