Здравствен инспекторат: момчето кое почина било оперирано во приватна болница

Државниот санитарен и здравствен инспекторат соопшти дека хируршката интервенција на 29-годишното момче кое почина од сепса во Градската болница „8. Септември била извршена во приватната здравствена установа „Јанита“ во скопската населба Тафталиџе.

Се работи  за ПЗУ „Јанита“, а лекарот кој што ја извршил интервенцијата е Звонко Николовски, специјалист по општа хирургија. Тој за да ја изврши интервенцијата изнајмил операциона сала во друга приватна здравствена установа, каде што се уште трае инспекцискиот надзор и се проверуваат сите документи“, соопштиле од инспекторатот за порталот НОВА.

Таму ќе треба да се утврди дали смееле да вршат таква интервенција, каква опрема имаат, со каков кадар располагаат, кога се земени брисеви последен пат од операционата сала. Неофицијално, лекарот кој што ја извршил интервенцијата на хемороиди, доаѓал дома кај момчето кое после операцијата добило висока температура, за да му дава инфузија. Кога ситуацијата се влошила младиот човек бил префрлен во болницата „8 Септември“, каде по неколку часа починал, пишува НОВА.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат го започна инспекцискиот надзор на повик од службите од болницата по смртта на момчето. Нема официјална потврда за причината за смртта, но најверојатно станува збор за сепса. По барање на семејството телото не било предадено на обдукција.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ