Завршува празнината во антикорупциската комисија

За 19 дена Македонија ќе добие антикорупциска комисија. До 10 февруари, во набиена агенда и кусо време, ќе треба да помине новата постапка за избор на соодветни и вистински антикорупционери. Таква е надежта на граѓаните и плановите на собранието кое денеска го објави огласот за нови членови на антикорупциската комисија. И покрај големите очекувања, квалитетот ќе треба да се избере за помалку од три недели, а за првпат ќе има и јавно испрашување на кандидатите за нивното искуство во борбата против корупцијата. Нема да има место за поранешни политичари и функционери кои во последните 10 години биле или партиски донатори или извршувале функција во државата по предлог на партија.

Новите антикорупцинери покрај искуството ќе мора да имаат и високи факултетски оценки, а може да се кандидираат луѓе со завршени правни, економски, политиколошки и комуникациски студии. Откако ќе биде утврдено дека се соодветни кандидати на јавна седница ќе бидат испрашувани од комисија за селекција која ќе има пола стручен, а пола пратенички состав, а во процесот на проверка на антикорупциското искуство ќе може да учествуваат универзитетски професори и претставници на граѓанскиот сектор.

Брзината на процесот на избор е поради  близината на претседателските избори. Со новите 7 членови што партиите во власта го договорија иако европските експерти предлагаа само 5 члена на новата антикорупциската комисија, ДКСК ќе го заврши мрачниот период од 11 месеци без членови и без гонење на корупцијата и на судирот на интереси-иако изминатите месеци имаше голем број на информации за корупциски зделки и непотизам, но тоа остана без институционална проверка.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ