
Заврши скијачката сезона на Шапка, проблемите остануваат
Скијачката сезона на Попова Шапка официјално завршува викендов.
И оваа зимска сезона долгонајавуваниот шестосед не се пушти во употреба, а не беа решени ниту основните инфраструктурни и комунални проблеми како паркинг, канализација и слично.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вели дека центарот ќе има светла иднина. Според него веќе е при крај изработката на физибилити студијата за вредноста на центарот, што е прв чекор истиот да се даде на управување на јавен приватен партнер.
Познавачите на приликите велат дека е неопходно државата да изработи и студија за развој на Попова Шапка, која треба да ја почитуваат идните концесиониери на центарот.
Поранешниот словенечки репрезентативец и менаџер на повеќе скијачки центри Сречко Сеншик, вели дека Попова Шапка крие голем природен потенцијал, не само за развој на зимскиот туку и за развој на летниот туризам.
-Скијачките центри не треба да работаат само преку зима туку и преку летниот период. Во Австрија на пример и во некои други земји од центрите на лето заработуваат повеќе пари отколку на зима. Значи треба да се работи преку цела година, и тоа ја носи таа додадена вредност на центрите, рече Сречко Сеншик.
Од раководството на ски центарот, велат дека годинава била една од најуспешните сезони.
Воведен е електронски систем на наплата на карти целосно е санирана една жичница, а моментално се работи на зголемување на бројот на паркинг местата.
Зоран Димовски