
Заврши расправата за измените на Законот за одбрана, гласањето утре претпладне
По прекинувањето на 135. седница на која заврши расправата за измените на Законот за Совет на јавни обвинители, Собранието попладнево продолжи со 123. седница и дискусијата по Предлог-измените на Закноот за одбрана.
Измените предвидуваат промена на социјалниот и правниот статус на Армијата. Со него се дефинирани обврските кои државата ги презема како идна членка на НАТО. Се преминува од систем на индивидуална во систем на колективна одбрана.
Со Законот се менува и името на Армијата на Република Македонија во Армија на Северна Македонија.
Токму на оваа одредба реагираше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ кој апелира да не се брза со промена на името на АРМ зашто тоа не е обврска согласно Преспанскиот договор уште најмалку пет години.
-Немојте да го менувате името. Не морате. Таква обврска со Преспанскиот договор се уште не е настаната. Според Договорот, името може да се смени пет години по почнувањето на преговорите во поглвјето за безбедност, а тоа веројатно нема да се случи во наредните седум години. Брзате, а со тоа правите штета на државата, нагласи Димовски.
Му реплицираше пратеничката Снежана Калевска Ванчева од СДСМ, која го праша кое Собрание му дава плата, дали на Република Македонија или на Република Северна Македонија?
-Димовски, гласавте за ратификација на протоколот за НАТО, земате плата од собранието на Република Северна Македонија. Рековте лечиме совест ? Што лечите вие? Доста е веќе со тој лажен патриотизам, рече Ванчева.