Заврши пресметката за директорското место во штипскиот Центар за социјални работи

„Двајца се карат третиот печали“, оваа народна мудрост се потврди во штипскиот Центар за социјални работи. Во директорската фотеља наместо Сузана Цветкова или Станко Димитров од денеска седна нововработената Златка Иванова.

Цветкова минатиот петок како в.д. директор на оваа институција го одјавила како вработен својот противник Станко Димитров со што го сместила на списокот за невработени. Како што Телма вчера информираше ниту Димитров, ниту надлежните во Министерството за труд и социјална политика знаеле за оваа постапка на Цветкова, па на Димитров вчера од министерката Мила Царовска му пристигна решението за директорската позиција. Но, поради неговиот статус на невработен во центарот за социјални работи, тој неможе ниту да депонира потпис, ниту да раководи со центарот. Соломонското, но и привремено решение за ресорното министерство е Златка Иванова, која речиси половина година работи во центарот.

Вчера и денеска во оваа институција врие од  инспектори, најпрвин беа трудовите, а денеска се од управниот инспекторат. Димитров, кој е оштетен во овој случај  и остана невработен на само година и пол пред пензионирање во телефонски разговор вели дека ќе го чека и  извештајот од управниот инспекторат по што ќе преземе и соодветни чекори. Во Штип за првпат е забележана  ваква жестока директорска битка.

Викторија Димитрова Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ