Заврши одморот за рамковно вработените кои не одеа на работа, а земаа плата 

Вкупно 958 лица од  вработените по Рaмковен договор од денеска ќе почнат да добиваат телефонски повици преку кои ќе бидат информирани за новите работни места, на кои ќе бидат распределени. Нaјголем број или 50 работни мeста се предвидени во Mинистерството за внатрешни работи, во Управата за јавни приходи позиции има за 39 лица, во Царинската управа за 30, во Јавното обвинитество ќе бидат  распределени 26-мина. Работни места се предвидени и во ДИК, во Агецијата за цивилно воздухопловство. Пред да бидат распоредени, тие прво биле консултирани за две -три работни позиции во институциите кои би можеле да ги заземат, па не се очекува некој да одбие, смета вицепремиерот Хазби Лика.

„Се надевам дека службениците позитивно ќе одговорат на ова наше барање за систематизација. Доколку не прифатат, ќе бидат префрлени на трасфер листата на Министерството за информатичко општество, но немаме индикации дека не би прифатиле да потпишат договор“, вели Лика.

На таа трансфер листа ќе им бидат на располагање на сите државни институции. Ќе имаат обврска да прифатат понуда кога ќе бидат побарани за превземање, бидејќи во спротивно ќе добијат отказ. Според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, основни критериуми при распределба на работни места во институциите од јавниот сектор биле образованието и работното искуство, моменталната состојба со бројот на вработени во институциите каде се распределувале и местото на живеење.

„Формиравме работни групи кои ќе воспостават контакти со овие државни службеници за нивната распределба по работни места. Не можеме со сигурност да кажеме дали процесот ќе трае една, две, три или четири недели. Имаме временска рамка од еден до два месеца но не е дефинитивна“, вели Лика.

Во моментов паралелно се работи на систематизација  на работните места за другиот дел од овие службеници. Остануваат уште 712 вработени по Рамковен договор кои во изминатиот период не доаѓаа на работа а земаа плата. Вкупно 1.600 лица биле вработени во периодот од 2008 до 2015-та година. Нема прецизна информација колкава плата земале, бидејќи таа според надлежните зависела од позицијата и звањето кое ги имале.

Сања Јовановиќ Дамјановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ