
Заврши јавната кампања, почна молкот пред референдумот
На полноќ заврши кампањата и започна 48-часовниот молк пред референдумот што ќе се одржи в недела на 30 септември.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера извести дека кампањата „Твој став, твое право“ на Државната изборна комисија, како кампања од јавен интерес не спаѓа во јавната пропаганда за референдумот и може да се емитува и во петок и во сабота иако веќе ќе е молк пред референдумот.
Право на глас в недела имаат еден милион и осумстотини и шест илјади 336 гласачи. Ден претходно ќе гласаат болните и изнемоштени лица. Пријавени се и 1.859 во 69 од 80 општини. В сабота, исто така ќе гласаат и затворениците, како и македонските државјани во странство.
Рекорден број домашни и странски набљудувачи ќе бидат на избирачките места. Официјалната бројка од ДИК на акредитирани домашни набљудувачи е 11.907, на странските набљудувачи е 493, а меѓународните организации акредитирале и 194 преведувачи. Покрај домашни, референдумот ќе го следат и странски новинари. ДИК акредитирала 83 новинари од 32 медиума.