Затворската управа на распит кај народниот правобранител за тепањето на екс министрите

Нема резултати од анализата што точно претходело на инцидентот во затворот во Шуто Оризари кога беа нападнати екс министрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. И покрај најавата дека денеска ќе биде објавена анализата, раководството на затворот молчи. На телефонските повици не одговараат ниту од управата за извршување на санкции, која е надлежна за затворите. Телма дознава дека тие од утрово биле повикани и од Народниот правобранител кој отвори случај. Не биле многу речити и пред правобранителот и рекле дека во законскиот рок од осум дена ке го достават извештајот до правобранителот. Од оваа институција пак велат дека не само овие туку и други лица од затворската управа и обезбедување ќе ги повикаат по што ќе одлучат какви мерки ќе преземат понатаму. Во меѓувреме ниту Министерството за внатрешни не превзема ништо. Министерот Оливер Спасовски вели дека и МВР го чека извештајот од затворската управа.

Телма вчера објави дека викендов се прегледувале снимки на кои се забележани пропусти на определени членови на затворското обезбедување. Се проверувала и комуникацијата на притворениците Јанакиески и Ристовски по доаѓањето во затворот, но и однесувањето на двајцата членови на кумановската група Есад Карфеџоли и Лирим Красниќи. Од кривичниот суд кој одлучува за притворите велат дека секоја затворска управа треба да ги контролира случувањата зад решетките.

Двајцата притвореници Јанакиески и Ристовски се жалеа на потешки повреди после нападот од Карфеџоли и Красниќи осудени од процесот за Диво насеље. Но по лекарските прегледи беа вратени во келија. Во меѓувреме судот го пушти Јанакиески во домашен притвор. Директорот на затворот Ѓоко Котевски по инцидентот најави дека со извештајот ќе си поднесе и оставка но за сега нема информации ниту за ова.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ