Затвореник учествувал во шверц на марихуана низ Македонија

25-годишен стружанец кој издржувал затворска казна во полуотворениот затвор во Струга е осомничен за шверц на марихуана низ Македонија. МВР соопшти дека затвореникот сега е префрлен во притвор во Шутка.

Тој бил дел од 6-члената група која се обидела 91 килограм од Албанија да ја префрлат и продадат во Скопје. Полицијата вчера во Кичево го прекинала транспортот и а открила марихуаната сокриена во патна торба и во пластични вреќи.

-Кривично пријавените ја набавиле марихуаната од соседна Албанија и ја складирале во Струга, со цел да ја транспортираат во Скопје. Вчера, во утринските часови, марихуаната требало да биде пренесена во Скопје и била сместена во патничко моторно возило “Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, во кое биле двајца од приведените, а пред ова возило во улога на т.н. чистач се движело патничко моторно возило „БМВ“ со прилепски регистарски ознаки управувано од еден од сега приведените- соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција.

Уапсени се тројцата кои биле во двете возила, затвореникот исто така е осомничен, а уште две лица се во бегство. Станува збор за група од иста генерација, 6-мината се на возраст од 22 до 25 години.

Осомничени се за “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. Полицијата објави снимка од апсењето.

М.С.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ