
Застој во преговорите за ЈО
Уште еден ден на најавени или очекувани, но неодржани преговори за идниот Закон за обвинителство. Од Министерството за правда велат дека постојано има некакви контакти, а средба ќе биде закажана веднаш штом ќе се усогласат термините. Додека трае формалниот застој, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ меѓусебно си ја префрлаат одговорноста.
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, во интервју за МИА споделува чувство дека СДСМ намерно го кочи процесот од две причини: за да потсетува на некои стари теми кои можеби не биле поволни за ВМРО ДПМНЕ а сега можат да и конкурираат на аферата Рекет, и за да имплементира, како што вели, „правно насилие во пресметката со политичките неистомисленици“. Од партијата додаваат дека нема договор за законот бидејќи власта, соочена со висока корупција и со скандали, се плаши од одговорот на реформираните институции.
Подобро да немаме закон отколку да донесеме лош закон, вели министерката Рената Треневска Десковска во интервју за Канал 77. Објаснува дека предлогот што е во собраниска процедура е во согласност со Стратегијата за реформи и подразбира обврска за трансформација на СЈО во посебен орган во рамки на Обвинителството. Ги обвини ВМРО ДПМНЕ дека не сакаат да се спомене ниту С од СЈО и дека настојуваат да направат дупки во законот кои ќе овозможат скриена амнестија.
Од СДСМ инсистираат ниту еден случај и ниту една истрага што сега се наоѓа во рацете на Јавното обвинителство да не остане нерасчистена.
Зоран Заев од Берово а Мицкоски преку интервју, порачаа дека се подготвени за уште една лидерска средба веднаш штом работните групи ги доближат ставовите. Наредниот состанок, според СДСМ, ќе биде викендов, а според ВМРО ДПМНЕ, тогаш кога ќе предложи власта.
Соња Николовска