
Заштитните маски достигнаа цена од 30 денари
Пазарната инспекција и агенцијата за лекови попладнево излегоа на терен во контрола на аптеките – за да се види дали неосновано ги зголемиле цените на заштитните маски.
Ваква препорака добија од денешната владина седница. Инспекторите се на терен низ цела држава – а резултатите ќе се сумираат дополнително.
А во аптеките веќе нема заштитни маски. Првиот потврден случај на крона вирус во Македонија ја зголеми потрошувачката, па онаму каде што останаа залихи денеска се продаваат и за неколку пати поскапо од вообичаено. Фармацевтите зад камерата на Телма велат дека виновници за ваквото нагло зголемување на цените се дистрибутерите кои ја покачиле набавната цена.
Од организацијата на потрошувачи апелираат до трговците да не ја користат ситуацијата и да ги поскапуваат производите кои во моментов се најбарани. Дел од граѓаните кои ги сретнавме велат дека веќе купиле маски, а дел пак сметаат дека маските не можат да ги заштитат од заразата.
Во меѓувреме во Италија заштитни маски се продаваат и по екстремно високи цени а на трговците им се заканува затвор.
Рускиот претседател Владимир Путин им се закани на аптеките дека ќе им ги одземе лиценците ако ги поскапат најнеопходните производи.
Теодора Цветковскa