
Заштитните маски допрва ќе се набавуваат, а ќе се користат следната зима
Заштитните маски кои неколку пати досега ги најави Министерството за здравство хронично болните ќе може да ги користат идната зима бидејќи министерството дури денеска го распиша тендерот за нивната набавка. Со оглед дека станува збор за поголема количина и вредност на набавката, законот налага тендерот да трае 45 дена и со самото тоа ќе заврши кон средината на март кога и ќе се избере најповолниот понудувач. Дури потоа може да почне нивната дистрибуција, па затоа може да се очекува дека хронично болните ќе ги добијат маските најрано во април.
Министерот Венко Филипче потврди дека тендерот денеска е испратен од министерството.
Набавката на заштитни маски како превентивна мерка беше најавена на почетокот на декември минатата година. Министерот Филипче кажа дека ги анализираат ризичните категории за да може да проценат колку маски треба да се купат и стигнаа до бројката од 50 илјади маски. Министерот тогаш најави дека се одлучува како да ги дистрибуираат, иако постапката за нивна набавка воопшто не беше почната, па препорача да се јаде повеќе овошје и зеленчук.
Вчера Скопје повторно беше градот со најзагаден воздух на планетата Земја. Во последните петнаесетина дена, во конкуренција на над 4.500 градови, Скопје два пати ја освои непопуларната смртоносна титула – најзагаден град на светот.
Владата најави мерки за борба против загадениот воздух преку програма за чист воздух, за која има одвоено буџет само 2 милиони евра. Најголемиот дел од парите се наменети за субвенции за печки на пелети и прочистувачи на воздух по училиштата.
Огнен Чанчаревиќ