
Заштитено подрачје само на хартија, дури сега се исцртуваат границите на Матка во кои не смее да се гради
Иако уште во 1994 година Матка е прогласена за заштитено подрачје и споменик на природата, никој од надлежните министерства не ја мапирал заштитената зона и не ги доставил до локалните власти координатите на просторот во кој е забрането да се гради било каков објект. Овој намерен или ненамерен пропуст, во комбинација со Законот за легализација, го искористија поединци кои успеаа да ги легализираат диво изградените викендички на брегот во Кањонот Матка.
Министерството за животна средина го финишира мапирањето на теренот кое е неопходно за да се комплетира законот за заштита на природата.
Со прецизните координати на заштитеното подрачје ќе се дефинираат зоните во кои јасно ќе биде наведено дали и што може да се гради и тие ќе бидат доставени до надлежните општини Сопиште и Сарај.
Законот за заштита на природата, со сите измени и дополнувања, според Макрадули ќе стапи на сила најдоцна до септември оваа година.
Проблемот со заштитата на природата од дивоградби и урбанизација не е само кај Кањонот Матка. Во моментот во Македонија има помалку од 10 отсто од територијата која се води како заштитено подрачје. Од министерството најавуваат три нови подрачја прогласени за заштитени зони – национални паркови.
Општина Сарај вчера го достави одговорот до Државниот инспекторат за градежништво во кој стои дека за трите платформи дивоградби е почната постапка за легализација, со што централната власт нема никакви ингеренции да постапува до завршувањето на постапките.
Огнен Чанчаревиќ