
Заштитата на културното наследство приоритет во Годишната програма за култура
Домаќинското работење и одговорноста кон парите на граѓаните бил водечи принцип во процесот на изготвувањето на Годишната програма за подршка на националните установи и за дејности , истакна министерот Алаѓозовски . Според него, преку Годишната програма се обезбедени сретства и за раздолжување на наследените обврски од минатата власт и за создавање основни услови за работа по долгогодишната негрижа и запоставување. Приоритет годинава ќе биде заштитата на културното наследство, посочи ресорниот министер.
„Сите загрозени фрески, икони, историски објекти, како на пример црквата во Курбиново, Скопскиот аквадукт, фреската Свети 15 Тивериополски маченици, црквата во Лешок, се планирани или за директна конзервација или за изработка на основен проект што е прв чекор во нивното санирање“, изјави Роберт Алаѓозовски, министер за култура.
А со дополнителни 60 милиони денари ќе се реновираат кровови на 20 објекти во земјава, дополни министерот за култура.
Со Годишната програма за прв пат се подржани интердисциплинарни проекти.
„До министерот за култура на РМ, комисијата достави предлог за прифаќање 71 проект, односно речиси 74% од апликациите. Во својата работа комисијата се раководеше согласно приоритетите, критериумите и мерилата содржани во пријавата за интердисциплинарна дејност“, рече Ѓорѓе Јовановиќ- член на комисија за интердисциплинарна дејност.
Според претседателката на комисијата за издавачка дејност, Оливера Ќорвезировска, при одлучувањето внимавале да не бидат оштетени ни издавачките куќи, ниту пак бројните пријавени физички лица. Предност имале инвентивно напишаните дела, а не се подржани реизданија, веќе преведени и комерцијални книги. Во драмската дејност се прифатени 123 проекти. Во музичката и музичко- сценската дејност на конкурсот поминале 40 носачи на звук, 150 концерти и над 40 манифестации и фестивали, а од визуелните уметности, архитектурата и дизајнот ќе бидат подржани 377 проекти. Жалбите за одбиените проекти , согласно Законот за култура, се праќаат до Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од 15 дена по добивањето на решението за прифатен или одбиен проект.
Сотир Трајков