
Засега нема виновник за бегството на Груевски
Тој што избега не кажува. Тие што требаше да откријат, сеуште не знаат. Бегството на Груевски и по три месеци останува нерешена мистерија за јавното обвинителство. Прелистувале повици, прегледувале снимки, и сослушале 57 лица, за денеска да соопштат дека не утврдиле кривична одговорност на службени лица. Истрагата фрла сомнеж дека пропусти имало, и тоа кај надлежни институции. Kај кои точно – одговор нема.
Досега прибавените докази упатуваат на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во надлежност на Јавното обвинителство, велат од ОЈО.
Обвинителот прашал, но и СЈО и МВР рекле дека немале сознанија дали Груевски се подготвувал за бегство. Неговите намери први ги насетиле банките, од каде Груевски на ист ден извлекол 120 илјади евра, и веднаш им јавиле на СЈО и на управата за финансиско разузнавање. Недела претходно, шефицата на СЈО, Катица Јанева во гостување во емисија на 1тв негираше дека тие знаеле или дека биле известени дека Груевски ги празнел сметките. Патот на бегалецот започнал од Скопје, но како стасал во Албанија нема докази. И по неколку месеци правна голгота албанските власти ги известиле истражителите дека нивните снимки се избришани од видео надзорот.
Беа усно известени дека материјалот не е сочуван, дека времетраењето на чувањето на материјалот се разликува на граничните премини и изнесува околу еден месец од последниот баран датум, велат од ОЈО.
28 граничари реферирале во обвинителството, а како и Груевски така и неговото обезбедување во Скопје не знаеле дека нивиот штитеник ќе побегне. Во листата на докази на обвинителството се и снимките од градскиот видео надзор „Safe city“, од патниот правец Шпиље – Дебар, скопскиот аеродром. Три хотели одбиле да ги предадат снимките, па обвинителството ги одзело. Истрагата продолжува, ќе заклучи основното јавно обвинителство.
Павле Беловски