
Засега нема ребаланс, буџетот се полни одлично, вели Тевдовски
Ребаланс засега не е во игра, буџетот се полни одлично, приходите се собираат онака како што Владата проектирала. Спротивно на одредени најави и вообичаената практика на средината на годината да се прекројува државната каса, министерот за финансии Тевдовски вели дека на тоа во моментов не се работи. Сепак, се прават анализи за следните чекори за наредниот период.
„Апсолутно немаме проблем со приходната страна. Буџетот ги собира приходите како што сме ги проектирале, што е одлично. Можеме во целост да ги реализираме буџетските обврски“, вели министерот за финансии Тевдовски.
Неофицијално се дознава дека првиот финансисер веќе ги притиска министрите да ги користат средствата што им се дадени на располагање во нивните буџети, а ако тоа не го сторат навреме, ќе им бидат повлечени и пренаменети за други ставки.
Во прилог дека зесега ребаланс не е потребен оди фактот што економските параметри се позитивни, а извозот и странските инвестиции се одлични, вели министерот. Единствено има проблем со капиталните инвестиции, главно во нискоградбата, но првиот податок за вториот квартал, за април, покажал дека градежништвото имало сериозен раст.
Клучно сега е како домашните компании да се поттурнат да инвестираат, еден од начините е поволната кредитна линија потпишана денеска меѓу Охридска банка и ЕБОР за мали и средни фирми.
„Со нормализација на финансиската состојба, здравите фискални политики што ги водиме и позитивните движења на економијата, инвеститорите ќе влегуваат во инвестиции, во отворање работни места и ќе ја движат економијата напред“, вели министерот.
Лани бруто инвестициите беа намалени за 4,5 отсто, поради политичката нестабилност. Но сега, големи надежи се полагаат на очекуваниот влез на земјава во НАТО. Во Бугарија, на пример, по членството во Алијансата, влезот на странските инвестиции се зголемил за три пати како учество во БДП.
Нина Нинеска-Фиданоска