Заради предизборни коалициски односи се жртвува директорката на МНТ?

Заради предизборни коалициски односи се жртвува директорката на МНТ, вели Катина Иванова , пензионирана актерка од овој театар.

Нејзината изјава доаѓа по вчерашната одлука на владата, директорката на најголемата наша театарска куќа, Симона Угриновска, да биде казнета со кратење 15% од плата , во следниве три месеци, поради давање согласност за отстапување на објектот, без писмен договор, на навивачката група Шверцери, кои прославувајќи 30 години постоење, минатиот месец го оштетија салонот на театарот, во висина од околу 4 000 евра.

“Ова што ни се случи во националниот театар на Македонија, е рамно на напад на институциите и на системот. И заради предизборни коалициски односи, најлесно е да биде жртвувана директорката” – изјави Катина Иванова .

Премиерот Заев денеска рече дека прво треба да се надомести штетата, а за поведување дисциплинска постапка и видот на санкцијата за директорката, согласно Правилникот за јавна администрација, министерот за култура Исмаили треба да донесе одлука.

Од Култура без одговор на нашите прашања, дали ќе побараат од навивачите или од Министерството за политички систем, кое беше вклучено во организацијата, да ја платат штетата.Телма се обиде да стапи во контакт и со навивачката група Шверцери, но тие останаа недостапни.

И нивниот некогашен член и пратеник од ДУИ, Артан Груби, кој беше посочен како директен организатор на прославата, кусо демантира поврзаност со случајот.

“Апсолутно немам никаква врска со тој настан” – изјави Груби.

Ќе продолжиме ли со молчењето пред дивеењето на навивачките групи и пред шерифското, очигледно неказниво однесување на функционерите на ДУИ, праша независниот пратеник , Павле Богоевски, на ФБ.

Тој побара кривично да бидат гонети и навивачите и организаторите.

Одлуката да биде санкционирана, директорката на МНТ не сакаше да ја коментира. Само кажа дека за тоа дознала од новинарските портали.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ