
Запушување на каналите за отпадна вода од комбинатот „Македонка“ е причина за загадувањето на Брегалница
Запушување на еден од каналите за отпадна вода од поранешниот текстилен комбинат „Македонка“ е причина за загадувањето на Брегалница што се случи кон крајот на Април.
Според анализите на државниот инспекторат за животна средина настанала еколошка хаварија, со што од каналот излезе отпадна вода во различни бои и директно овие тешки хемикалии, кои се користат за боење на текстил се испуштија во реката.
Општинските и државните инспектори за животна средина извршиле контрола на фирмите сместени не само во кругот на „Македонка“ туку и во ТИР зоната. Кај три фирми што се занимаваат со боење ткаенини откриени се низа пропусти. Според извештајот постојат повеќе виновници за хаваријата, но кон ниту една не се вперува прстот за хаваријата.
На фирмите во кои се утврдени технички пропусти даден им е рок да ги отстранат. Ако тоа не го сторат им се заканува казна од шест до 20 илјади евра. Инаку ова не е првпат да се случуваат вакви хаварии во реката Брегалница. Само 4 % од отпадните води во земјава поминуваат низ пречистителни станици. Македонија во овој поглед е далеку од европските стандарди.
Викторија Јованова