
Запрена работата на новата Kлиничка болница во Штип
Новата штипска Клиничка болница се гради со забавено темпо. На објектот ја нема бучавата од градежните машини. Екипата на Телма беше на објектот забележа само неколкумина работници и обезбедувањето на градежната компанија Бетон-Штип, кој во овој случај е подизведувач на грчката компанија, која го доби меѓународниот тендер.
Директорот на болницата, Ален Ѓеорѓијев иако се повика дека не е надлежен за овој проект, сепак потврдува дека новиот објект се гради бавно, за што е и информирано и ресорното министерство.
„ Јас во суштина и неможам да ви кажам точна информација со тоа, бидејќи нашата Клиничка болница нема ингеренции. Таму знааете дека тоа оди преку проектната единица на Министерството за здравство и договорот, кој што го има склучено. Значи она што можеме да го видиме веројатно се успорени работите на Клиничката болница, а зошто е тоа така ќе мора одговор на друго место да барате во министерството за здравство. Намален е бројот на работници и темпото на работа не е како што беше претходно“, вели Ѓеорѓијев.
Државниот секретар во министерството за здравство, Владимир Милошев потврдува дека се пробиени роковите за изградба на болницата, пред неколку месеци усвоен и нов акционен план од страна на Владата за изградба на првата фаза на болницата во декември оваа година, а под која се подразбира комплетно изградба на новиот објект, обезбедена современа апаратура и селење на пациентите, со што би почнала и втората фаза која ќе опфати уривање на постојното кожно и очно одделение и поврзување со акцелераторот.
„ Добивме информации дека на терен нема работници и во средата имавме нов состанок со грчката компанија и подизведувачот. Нас не не интересира подизведувачот, нас не интересира изведувачот. Договорот го имаме со грчката фирма. Разговаравме и укажавме и им дадовме разумен рок од две недели, за да видиме напредок во работењето. Тие гарантираат дека веќе од наредниот ден, од четвртокот ќе имале забрзување на динамиката. Понатаму неможеме да го толерираме неработењето. Доколку не го испочитуваат рокот, ние ги разгледуваме сите опции“, изјави Милошев.
Меѓу опциите е и раскинување на договорот со грчата компанија која го има добиено тендерот за изградба, а кој чини 30 милиони евра. Телма се обиде да добие одговори од штипски Бетон, зошто е забавена изградбата и дали причината лежи во минатогодишната загуба од 55,6 милиони денари, кои ја прикажале во извештајот доставен до Македонска Берза. Но, оттаму никој не се јавуваше повиците. Бетон е познат во јавноста и како и еден од најголемите изведувачи на проектот Скопје 2014.
Викторија Јованова