
Започнаа со работа дејностите од првата фаза на олеснети мерки
Од денеска Скопје се врати на новата нормала. Отворени се моловите, стоматолошките ординации, авто- школите и обложувалниците. Секаде се спроведува дезинфекција, се носат маски и друга заштитна опрема , а се придржуваат и до пропишаните мерки за физичка дистанца.
Започна првата фаза од опуштањето на рестриктивните мерки, воведени како превентива за Ковид-19. Со одлука на Влада и Комисијата за заразни болести, граѓаните веќе можат да пазаруваат во моловите, да одат на забари, да посетуваат ласови во авто-школи, но и да се обложуваат.
По Веро-Џамбо, денеска и Рамстор ги отвори вратите за муштериите. Од таму велат дека додека чекале да почнат со работа извршиле комплетно чистење на објектот, на филтрите и на цевките за греење и ладење. А, од денеска спроведуваат дезинфекција, физичка дистанца од 5 метри меѓу купувачите, за што се поставени редари на влезот, а и внатре и се придржуваат до препораките на СЗО.
Почнаа со работа и стоматолошките ординации. Термините се закажуваат по телефон, се одржува растојание за интервенциите за пациентите од 20 минути до половина час. Пациентите се дезинфицираат од влезот, како и персоналот кој носи заштитна опрема. Дезинфекција се врши и на комплетниот простор и опрема , а од сите површини се отстранети непотребните нешта, велат стоматолозите.
Кандидатите кои пред пандемијата земале часови во авто школите, велат дека едвај дочекале да продолжат. А инструкторите велат дека обуките не почнуваат и не завршуваат без лична и дезинфекција на возилата. Заради заштита, апелираат во првиот бран олеснувања да се редуцира бројот на кандидатите, како што се редуцирани и членовите на комисиите.
Од обложувалниците, каде исто така се поставени сретства за дезинфекција, а вработените носат маски, велат дека се придржуваат до физичката дистанца од 2 метри и меѓу играчите и меѓу тие што уплатуваат тикети. Признаваат дека од утрово малку се посетени, каков што е и мал бројот на лигите на кои се типува.
Како дел од првата фаза, започнаа со работа и заводите за рехабилитација на слух , говор и глас, семинарите за возрасни, седниците на органи за управување, тренинзите на отворено за индивидуалните спортови, теретаните и фитнес центрите. А, од понеделник и летните тераси на кафулињата и рестораните.
Сотир Трајков