Започна скринингот во скопските градинки – за десетина дена готови тестовите од сите градинки во земјата

Со повеќе од еден пар заштитни ракавици на рацете и облечени во познатите скафандери – екипи на Центарот за јавно здравје денес започнаа да собираат брисеви по скопските градинки. Прва дестинација е градинката „Мајски цвет“.

Епидемиолози од Центарот во една од занималните ги викаа по ред луѓето кои работат во градинката. Најпрво земаа брис од нос, потоа и од уста. Брисевите ги редеа внимателно за напладне да ги однесат во лабораторија. Процесот течеше брзо и секој од вработените се задржуваше по една минута во просторијата.

Оваа градинка згрижува повеќе од шестотини деца. Денес само во неа се врши скрининг на персоналот. Ќе се соберат речиси стотина материјали за анализа. Толку е и лимитот на тестови коишто може во еден ден да бидат однесени во МАНУ каде што ќе бидат готови резултатите.

Десетина дена би требало да трае скринингот, тврди министерот Филипче. Во земјава има околу две илјади лица вработени во градинките.

Прашање е дали во јуни ќе бидат отворени овие установи за децата. Но, едно е сигурно – сите ќе се отворат во исто време и само кога ќе заврши потрагата по асимптоматски носители на корона вирусот, помеѓу вработениот персонал.

Според министерот е важно да се отворат градинките, за да може луѓето кои сега ги чуваат децата дома, да се вратат на работа.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ