
Започна санацијата на дивата депонија на влезот на Охрид
Градот започна да ја санира дивата депонијата Мауцкер на влезот од Охрид. Наместо грда слика која секојдневно ја гледаат туристите, просторот од околу 16000 метри квадратни распослан со градежен шут и најразличен друг цврст отпад ќе се уреди и тампонира, а дел ќе се покрие со земја. Средства се обезбедени преку проект на Министерството за животна средина.
Планот на локалната самоуправа е тука да се префрли ЈП „Охридски Комуналец“ и да се изгради фабрика за отпад, за што во тек е изработка на физибилити студија.
На овој простор општината планира да изгради и стационар за бездомни кучиња, за што се изработува урбанистичко – планска документација. Освен Мауцкер општината планира да изврши санација и на дивата депонија Буково, каде со децении се одлага комуналниот отпад од градот, што е и една од обврските нотирани во извештајот на УНЕСКО за состојбата со заштитеното природното и културното наследство на Охрид.
Горан Момироски