
Западен Балкан очекува конкретни рокови за ЕУ
Земјите од Западен Балкан очекуваат конечно да добијат јасна слика колку им е блиску членството во Европската Унија на Самитот во Софија идниот месец. Засега постои поделеност меѓу членките на Унијата, вели генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ, кој смета дека по Самитот во Солун пред 15 години, сега прв пат Брисел повторно се сврте кон Балканот иако охрабрувањето е со резерви.
„Тоновите кои ги споменувате сведочат дека постои различно ниво на подготвеност во земјите членки на ЕУ сериозно и суштински да се разговара за проширувањето. Постои круг на земји кој е многу подготвен да не поддржи во прошпирувањето, но постои и круг на земји кои сакаат да не поддржат но се многу критични кога се во прашање реформските процеси. И постои круг на земји кои сметаат дека најпрво треба да се зајакне ЕУ по Брегзит пред да оди на проширување“ кажа Горан Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка.
Премиерите на земјите од Западен Балкан, заедно со претставници на Европската Унија и САД, сите членки на Советот за регионална соработка утре во Брдо кај Крањ ги прават последните подготовки за самитот во Софија. Тие треба да го потврдат и изборот на нов генерален секретар на Советот кој е практично наследник на Пактот за стабилност. Бидејќи членките не можеа да одлучат за еден кандидат кој ќе го наследи Свилановиќ постиогнаа компромис. Така, поранешната албанска министерка за евроинтеграции Мајлинда Брегу ќе го води Советот во наредните три години, а потоа ќе ја наследи поранешниот црногорски премиер Игор Лукшиќ.
Сања Васиќ