Занаетчиите на нозе – дивите ни го јадат лебот, а инспекторите никаде ги нема

Занаетчиите на нозе, бараат од владта итно да го реши проблемот со нивните „сиви“ колеги кои работат нерегистрирано, по пазарите, на улиците, во своите домови и дивите сервиси. Механичари, автосервиси, лакери, паркетари, столари, молери, фризерки, козметичарки, фотографи, на државата не и плаќаат ништо, а им го земаат лебот на легалните занаетчии, кои незаштитетни и демотивирани, ја напуштаат законската зона. Инспекторите никаде ги нема, вака веќе не може, и порача на власта занаетчиската комораре.

  • За нас важат правилата, ние мора да бидеме регистрирани, да ги имаме сите сертификати, плаќаме месечни придонеси, а некој што работи на 10 до 15 метри од нас, е ослободен од тие работи. Ќе го начекаат, ќе си плати 150 евра, и пак си продолжува да работи“, вели Славе Вењановски, од Секција Автосервиси во Занаетчиската комора.

За сите давачки кон државата занаетчиите плаќаат од 6 до 7 илјади денари месечно, а казните за нивните пропусти се движат од 1.000 до 3.000 евра.

Занаетчиите и на други маки, не можат да најдат работници за своите дуќани. Барале 40 машинобравари, се јавиле само четворица. Недостигаат и саатчии и пластичари, но и механичари. Ќе дојде денот, велат, кога ќе нема кој да ни ги поправи работите по дома, па овие кадри ќе земаат поголеми плати од професорите.

  • Браварите сигурно земаат повеќе од 500 евра, сигурно. Продавачката кај мене зема 18 илјади денари, и на таа плата е осигурана, не на минималната плата“, вели Никола Петров, претседател на Занаетчиска комора на Град Скопје.

Државните пазарни инспектори се бранат, лани извршиле 119 контроли, но изрекле само 4 казни. Дел се платени а дел одат на постапка за извршување. Се жалат на недостиг од инспектори.

  • Во моментов сме 20 инспектори, следна година пензија 6 до 7 ќе одат, остануваме многу малце, а надлежностите се големи“, вели Билјана Србиновска, ДПИ.

Владата ветила дека идната година ќе вработи поголем број инспектори.

 

Нина Нинеска Фиданоска

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ