
Заменичката Елизабета Јосифовска сведок против шефицата на СЈО Катица Јанева во Рекет
Три обвинителки на третти јануари седнаа во иста судница. Заменичката во СЈО, Елизабета Јосифовска како сведок, нејзината доскорешна колешка и шефица Катица Јанева како обвинета, и Вилма Русковска како застапник на Рекет. Новата Година не си ја честитаа, веднаш прејдоа на најбитното, сведочењето за тоа како се водела истрагата Империја во СЈО. Јосифовска потенцираше дека всушност обвинителката Лиле Стефанова била обвинител во случајот, но Јанева секогаш го имала последниот збор. На состанокот во декември лани Стефанова не се согласувала осомничениот Орце Камчев да оди во куќен притвор, Јанева инсиститрала. Бил спомнат и осомничениот Сашо Мијалков, но во каков контекст не се сеќава. На друг состанок Јанева барала луѓето осомничени во Империја и Поштенска банка да не одат в затвор туку да се спогодат и да и платат на државата. Одлуката за издавање на привремен пасош за Камчев пак лично ја потпишала сведокот Јосифовска на втори мај лани.
Елизабета Јосифовска – сведок: Барањето се работеше итно, беше добиено утрото, а кај мене на потпис стигна пред крај на работно време. Јанева и Стефанова не беа на работа, а мене ми беше чудно што не се почитуваше стандардната процедура. Се јавив кај шефот на кабинет и таа ми рече дека комуницирала со специјалната обвинителка која потврдила дека треба времен пасош. Се слушнав телефонски и со Лиле таа не се согласуваше но последниот збор по закон го имаше специјалната обвинителка.
Адвокатите на Јанева ја прашуваа Јосифовска за стандардните процедури во СЈО. дали и друг пат имало позитивно мислење за нечиј притвор и дали во други случаи биле издавани привремени пасоши. Го потенцираа и случајот со пасошот на Латас кој беше обвинет во Тотал, за кој одобрение дала токму Јосифовска.
Инаку во случајот Рекет претходно сведочеа и осомничениот во империја и неговата сопруга Орце и Ана Камчеви и тврдеа дека на Боки 13 му дале милион и пол евра за специјалната обвинителка Катица Јанева да даде позитивно мислење за Камчев да оди во домашен притвор. Следни кои ќе сведочат се бившите колеги на КЈанева Лиле Стефанова и Бурим Рустеми, кај кои се истрагите империја и поштенска банка, како и шефицата на кабинет на Јанева, сања Димовска.
Билјана Николовска