Замената на таблите за аеродромот и автопатот ќе чини 80.000 евра

Замената на 25 табли на кои ќе го пишува новото име на автопатот и аердромот ќе чини околу 80.000 евра. Старите табли на кои се уште стои името на автопатот Александар Велики се вадат една по една, а поставувањето на новите се очекува во најскоро време.

Директорот на јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов вели дека за замената на таблите не бил спроведен посебен теднер.

Иако во јавноста се појавија шпекулации дека новите табли веќе се поставуваат сепак долж автопатот од Скопје до аеродромот, се уште стојат старите табли.

Не е сменет ниту називот на аеродромот каде според наши информации покрај знакот со новото име треба да се отстрани и статуата со ликот на Александар Велики која стои во холот на зградата.

 „Го следиме развојот на настаните. Кога ќе добиеме детални инструкции од Владата, за извршување на Одлуката, ќе постапиме согласно тие инструкции. Според инструкциите ќе тече и процедурата за промена на знакот со името на аеродромот, што е активност која ќе бара задоволување на соодветни технички процедури, пред да се случи самиот чин на промена“, соопштија од ТАВ Македонија.

Заев по заедничката средба со Ципрас на крајот на јануари објави дека Македонија во знак на добра воља ќе го промени името на автопатот кој отсега ќе се вика Пријателство, а подоцна беше објавено и новото име на аеродромот кој ќе се вика Меѓународен аеродром Скопје.

Александар Манасиев

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ