Законски да се утврди максимално ново домашно задолжување, бараат ревизорите

Законски да се прецизира колку Владата смее максимално да се задолжи кај домашните кредитори, бара Државниот завод за ревизија. Во својот најнов извештај кој се однесува на Основниот буџет на државата за 2017, што значи дека по половина од годината се опфатени и претходната и актуелната власт, ревизорите навеле дека јавниот долг лани бил на ниво од 47,6 отсто од Бруто домашниот производ, што е намалување за 0,9 процентни поени во однос на претходната 2016.

„Потреба од доуредување на законската регулатива во однос на прецизно дефинирање на максималниот износ на ново задолжување на домашниот финансиски пазар, со издавање на краткорочни и долгорочни хартии од вредност – државни записи и државни обврзници“, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Лани за исплата на главнината и каматите од домашното и странското задолжување биле исплатени вкупно 420 милиони евра. Кај каматите всушност е најзначајното зголемување во однос на 2016, додека, пак, најмногу се намалиле парите за резерви за недефинирани расходи.

Пензискиот фонд лани уште повеќе влечел пари од државниот буџет, за покривање на дупките во него биле префрлени близу 463 милиони евра или 7 отсто повеќе од 2016 година.

Во извештајот се бара да се доуреди и регулативата за планирање и исплата на средствата за политичките партии.

ДЗР во извештајот им порачува на буџетските корисници да не доставуваат нецелосни буџетски барања, бидејќи така се соочуваат со ризик Министерството за финансии да им одреди буџет кој ќе биде недоволен за нивните потреби. За фискалните стратегии се бара навреме да се носат, во законските рокови. Ревизијата укажува и на отсуство на податоци за неподмирени, а доспеани обврски на буџетските корисници, што треба да се подобри со новиот Закон за нивна евиденција кој е донесен во април оваа година.

Ревизорите напишале забелешки и за парите за судската власт.

„Со воспоставената динамика на средства во рамките на буџетот на судската власт, не е достигнато законско утврденото ниво на буџетот предвиден за судската власт и за 2017 година е во висина од 0,33 отсто од бруто домашниот производ“, се вели во извештајот.

Кај трошењата за плати нема отстапувања, а намалени биле трошењата за патни расходи и за договорни услуги.

За Управата за јавни приходи која го прибира најголемиот дел од буџетските давачки се забележува дека лани не била доволно екипирана со инспектори и дека тоа мора да се подобри во текот на оваа година.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ