
Законот за употреба на јазиците назад пред пратениците од идната недела
Законот за употреба на јазиците оваа недела нема да се најде пак пред пратениците. На денешната координација кај претседателот на Собранието, Талат Џафери, координаторите на владејачките пратенички групи се договориле неделава да нема седници од причина што неколкумина пратеници се на службен пат и немаат кворум за работа. Од Кабинетот на Џафери велат дека, Законот најверојатно ќе биде ставен на дневен ред идниот понеделник, на 29-ти јануари,а тогаш ќе се избираат и петмината потпретседатели на Собранието.
Ова ќе биде трето читање на Законот, што ќе оди директно на пленарна седница, без комисиска расправа. Амандмани може да се поднесуваат само на членовите на кои претседателот Ѓорѓе Иванов упати забелешки при одбивањето да го потпише указот. Тој има забелешки на 19 од вкупно 25 члена од законот.
Од ДУИ веднаш се изјаснија дека нема потреба од дополнителни амандмани, СДСМ велат дека првин ќе ги разгледаат забелешките па ќе заземат став. Од ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа повлекување на Законот, формирање на работни групи составени од партиите, професори од Правен факултет и јазичари, од Кабинетот на Претседателот и од МАНУ. Доколку и овојпат за законот гласаат најмалку 61 пратеник, тој ќе биде донесен, по што повеќе нема да има потреба од потпис од Претседателот.
Деновиве и голем број правници, професори, поранешен уставен судија, како и францускиот амбасадор, се огласија со забелешки за законот, укажувајќи на можноста за подобрување на текстот. Дел од експертите се согласуваат со Претседателот дека законот излегува од уставната рамка и е потребно да се донесе со двотретинско мнозинство. Но, владата остана на ставот дека тој е во согласност со Уставот.
Се поизвесно е дека, на крај, последниот збор ќе го имаат уставните судии. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, веќе најави дека ќе го оспори законот пред Уставниот суд.
Далиборка Дамјанска Цветановска