
Законот за употреба на јазиците двапати прескокнат
Законот за употреба на јазиците денеска двапати беше прескокнат. Собраниските служби не стигнаа да ги преведат на албански ајзик амандманите на ВМРО-ДПМНЕ, кои се 35.569 на број, па законот првин беше префрлен за попладневниот дел од седницата, за повторно да се одложи за утре. 33 илјади 600 амандмани се поднесени само за казнените одредби од законот.
Откако нивните пратеници попладнево си излегоа од салата, немаше кворум за гласање за другите закони, а никој не се пријавуваше ни за дискусија, така што за половина час беше заклучена расправата за 25 закони. Меѓу нив се и законот за престанок на важноста на законот за национален уметник, законите за внатрешни работи, класифицирани информации и законот за учебници во основното и средното образование. Тие ќе се гласаат утре напладне, а претседателот на Собранието ги опомена координаторите на пратеничките групи, да се потрудат да обезбедат кворум.
Ситуацијата не беше ништо подобра ни во претпладневниот дел. Повеќе од три часа им беа потребни само да се изгласа дневниот ред. Имаше бројни координации, пауза и десетици неприфатени барања на ВМРО-ДПМНЕ за измени на дневниот ред. Пратениците од опозициската партија го повторија ставот дека законот е противуставен и едностран, бидејќи не е прифатена ниту една забелешка од нив или од стручната јавност. Таквата исклучивост, велат, може да продуцира кризи, како Уставот од 91, донесен без согласност на албанската заедница.
Од Алијансата за Aлбанците ги повикаа колегите од опозицијата да не ја продлабочуваат поделбата.
По ова, во салата повторно недоразбирања, исклучени микрофони и дофрлања од место.
Џафери одлучи да ги смири дополнителните тензии предизвикани од предлогот на пратениците да изберат потпретседатели на Собранието.
Додека изборот на неговите заменици останува за некоја друга седница, расправата по Законот за јазици ќе почне кога ќе заврши преведувањето на амандманите и кога мнозинството ќе обезбеди кворум, или, што би рекол Џафери, кога ќе се создадат деловнички можности.
Далиборка Дамјанска Цветановска