Законот за ЈО ќе се носи по скратена постапка, опозицијата обвини за фалсификат

Собранието доцна синоќа ја утврди потребата по скратена постапка да се донесат законите за Јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители. Сега расправата за овие закони преминува во собраниската Комисија за европски прашања и во Законодавно-правната комисија.

Од Комисијата за европски прашања доцна синоќа најавија дека за денеска е закажана седницата на која ќе се расправа за овие закони.

Донесувањето на одлуката по скратена постапка да се носат овие два закона помина во тензичка атмосфера и препукувања меѓу власта и опозицијата. Седницата првично беше закажана во 17 часот, но почна со задоцнување од околу четири часа. Владата го повлече текстот на законите поради технички грешки и по направените корекции повторно го врати во собраниска процедура.

Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница ги разгледуваше Предлог-законите за јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители. Во текот на седницата беа изнесени сугестии од министерката за финансии, Нина Ангеловска, од Секретаријатот за законодавство и од вице-премиерот Бујар Османи. Во Предлог-законот за јавно обвинителство беа внесени корекции кои се однесуваа на финансирањето на Јавното обвинителство и усогласување на стапувањето во сила со примената на законот. Владата донесе заклучок Предлог-законот за јавното обвинителство со тие дополнувања да биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија. За жал, во текстот кој што е пратен беа направени ситни технички грешки кои се однесуваа токму на корекциите кои беа усогласени на седница на Владата и од тие причини испратениот текст на Предлог-законот за јавното обвинителство е повлечен. Владата по направените исправки повторно го достави до Собранието на Република Северна Македонија, наведе Владата во соопштението.

Во меѓувреме опозицијата обвини за најгруб фалсификат и побара од претседателот на Собранието да ги врати законите до Владата бидејќи според нив предлозите се доставени неделовнички и нема одлука на Влада ниту за повлекување на материјалот, ниту за новиот предлог.

Вие треба да го вратиме овој материјал бидејќи на седницата на Владата нема одлука за повлекување, ниту одлука за доставување на нов материјал во Собранието. Врз основа на ова, предлозите се неделовнички и согласно Деловникот имате обврска и право да го вратите предлогот до Владата и таа откако на седница ќе ги помине, да ви ги достави предложените зкаони за да може да закажате седница. Вака вие учествувате во кршењето на Деловникот на Собранието, рече вчера координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Законот за јавното обвинителство по прексиноќешното зелено светло од Владата вчера влезе во собраниска процедура, откако власта потврди дека ја обезбедила потребната двотретинска поддршка од пратениците за негово изгласување.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ