Законот за јазиците го чека дијалогот

Партиите ниту почнале ниту најавуваат дека ќе почнат дијалог за разрешување на ситуацијата со амандманската расправа по Законот за јазиците, како што предлага СДСМ. Во ВМРО ДПМНЕ велат дека не прифаќаат никаков ултиматум и дека очекуваат приоритет да им се даде на законите кои се реформски и кои ќе го подобрат животот и економската состојба на граѓаните.

ДУИ потенцира дека донесувањето на Законот со 69 гласа од сите парламентарни партии освен од ВМРО ДПМНЕ е доволен дијалог. Велат дека тоа е закон кој е важен за меѓуетничката кохезија и за европската иднина на земјата.

Арифи ги отфрла гласините дека коалицијата со СДСМ е разнишана поради Законот за јазиците.

Спикерот Џафери не открива кој ќе биде неговиот нареден чекор. Само потенцира дека се ќе биде во согласност со Уставот и Деловникот.

Законот е пред пратениците на трето читање, откако претседателот Иванов не го потпиша указот. ВМРО ДПМНЕ поднесе над 35 илјади амандмани и нема намера да прави никакви компромиси. Џафери завчера закажа седница, но таа се одложи  поради барањето на СДСМ да му се даде шанса на дијалогот. Спикерот е решен да не дозволи блокирање на Собранието и им даде на партиите рок од една недела да постигнат договор.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ