Законот за јазици: штетен или кохезивен

Законот за јазиците продолжува да ја бранува политичката сцена. ВМРО ДПМНЕ го смета за неуставен и штетен, додека СДСМ го нарече сериозен придонес во градењето едно општество за сите.

Ден по објавувањето во „Службен весник“, најголемата опозициска партија размислува со интерпелација да побара одговорност од спикерот Талат Џафери заради пуштањето на законот во правниот промет без потписот на претседателот Иванов. Истовремено, се подготвува иницијатива пред Уставниот суд, бидејќи за ВМРО ДПМНЕ се уставно спорни речиси сите членови на Законот, на кои минатата година укажа и Иванов. Во меѓувреме, бараат институционално непочитување на Законот.

За СДСМ, ова претставува продолжение на деструкциите и уште еден обид за блокирање на напредокот. Владеачката партија верува дека со унапредување на правата во употребата на јазиците не губи никој, туку се овозможуваат услови за подобра комуникација меѓу граѓаните и институциите.

Законот за јазиците беше донесен прво во јануари а потоа во март минатата година. Отпечатен е во „Службен весник“ дури вчера со фуснота  наместо потпис од Иванов и објаснување зошто не потпишува. Законот предвидува двојазични обврски за државните институции, двојазични униформи во полицијата, пожарникарството и здравството како и други проширувања во употребата на албанскиот јазик во општините со 20 процентна застапеност.

 

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ