Законот за јазици оди на ревизија

Коалициските партнери СДСМ и ДУИ различно го читаат мислењето на Венецијанската комисија за Законот за јазиците.

Премиерот Заев ги прифаќа сугестиите за ревидирање на законот во делот на судството и на казнените одредби, а министерот Османи разбрал дека Комисијата ја поздравува пошироката употреба на албанскиот јазик што ја овозможува законот.

Премиерот вели дека и венецијанските експерти се согласиле дека законот е авангарден.

Најави законски измени во согласност со прецизните укажувања дека заради ова јазично право во судските процеси може да се наруши правото на правда.

Министерот Бујар Османи, кој присуствуваше на состанокот во Венеција, преку социјалните мрежи порача дека Комисијата го одобрила извештајот за законот.

“Комисијата ја поздравува пошироката употреба на албанскиот јазик. Употребата на двојазични банкноти и униформи кај војската не е во спротивност со меѓународните норми. Комисијата го омекна вордингот со зборовите: МОЖЕБИ администрацијата нема капацитет за двојазичност” – вели Бујар Османи.

Овој закон го оптоварува општеството и предизвикува нетрпеливост во владината коалиција, велат од ВМРО ДПМНЕ и бараат да се почитува мислењето на Комисијата.

Опозициската БЕСА не се согласува со европските експерти дека албанците во Македонија се малцинство и ги нарекува втора мнозинска заедница. Истовремено, упати повик до сите партии на албанците.

 “Крајно време е партиите на албанците еднаш за секогаш да го решат проблемот со јазикот. Албанскиот јазик треба да стане службен јазик и во Уставот, а не да се нарекува јазикот што го говори 20 % од населението” – рече Билал Касами, претседател на БЕСА.

Вчера Венецијанската комисија усвои мислење дека двојазичноста во судството треба да се напушти бидејќи може да го наруши правото на фер судење. Препорачува и одложување на обврската за примена на албанскиот јазик во меѓуинституционалната комуникација меѓу државните службеници.

Законот беше донесен во јануари годинава. Собранието го гласаше по втор пат, откако претходната година претседателот Иванов одби да го потпише указот.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ