
Законот за јазици наредната недела во Собрание
Наредната недела Законот за јазиците најверојатно повторно ќе се отвори во Собранието. Кој ден ќе продолжи седницата на која е третото читање на овој закон ќе се одлучува на редовната координација кај спикерот Џафери во понеделник.
Предвид доаѓаат среда или четврток, за да се избегне вторникот, 27-ми, кога се закажани Семакедонски протести за заштита на името на државата и на идентитетот.
Од ДУИ доаѓаат неофицијални најави дека не треба повеќе да се одолговлекува. За нив, тоа е завршена работа која треба да финишира со гласање на најмалку 61 пратеник без било какви интервенции во текстот.
Неизвесно е дали Талат Џафери ќе го преземе товарот на одлуката, па ќе објави дека Собранието не е надлежно да утврдува дали е законот противуставен, како што тврди ВМРО ДПМНЕ или дека било каква амандманска расправа би била во спротивност со Деловникот.
Неофицијално, последните напори да се најде политичко решение биле поврзани со членот 22 кој ги уредува казнените одредби, а на кој се поднесени над 33 илјади од вкупно 35 илјади 569 амандмани. Доколку деновиве не се постигне политички договор, кој се движи од повлекување барем на овие амандмани или повлекување на овој член, Законот ќе се стави на изјаснување, а подоцна би трпел евентуални корекции и допрецизирања.
Официјално, од ДУИ велат дека средбата меѓу Ахмети и Мицкоски, која се уште не е закажана, ќе биде куртоазна и по повод изборот на новиот лидер на ВМРО ДПМНЕ но дека не е поврзана со Законот за јазиците.
И покрај шпекулациите дека во ВМРО ДПМНЕ не се едногласни во врска со огромниот број амандмани, нема најави за нивно повлекување.
Партиите од владеачкото мнозинство на координацијата може да се договорат и да не го брзаат Законот за јазици до одржувањето на средбата во куќата на Жан Моне, близу Париз.
Дијалогот, инициран од неколку европратеници, беше одложен од јануари за март. Треба да се разговара за Деловникот, Етичкиот кодекс на пратениците и за реформските закони, но не е исклучено да се додаде и точката: Закон за јазици, доколку сите партии прифатат да учествуваат.
Соња Николовска