Законот за јазици на седница за десетина дена

Третото читање на Законот за јазиците ќе биде во третата третина од 30-дневниот рок, најрано на седницата планирана за 29-ти јануари. Ќе биде одлучено на утрешната координација на пратеничките групи кај спикерот Талат Џафери, но секако пред крајниот рок кој истекува на 9-ти февруари.

Според Деловникот, Законот ќе оди директно на пленарна седница, без комисиска расправа, а амандмани може да се поднесуваат само на членовите на кои укажа шефот на државата, при прогласувањето суспензивно вето. Всушност, за Иванов се спорни безмалку сите членови.

Тој упати 21 забелешка на 19 од вкупно 25 члена, образложени на 14 страници. ДУИ веднаш се изјасни дека нема потреба од дополнителни амандани, СДСМ прво ќе ги разгледа забелешките па ќе заземе став, а ВМРО ДПМНЕ се уште размислува дали воопшто да учествува во расправата по законот. Доколку овој пат за Законот се изјаснат најмалку 61 пратеник, Иванов ќе мора да го потпише указот.

Францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние, во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека постои простор за подобрување на текстот на законот. Дел од експертите се согласуваат со претседателот дека законот излегува од уставната рамка и наложува менување на системски закони кои се донесуваат со двотретинско мнозинство. Владеачките партии кои речиси едногласно го донесоа законот, велат дека тој е целосно во согласност со уставот.

Соња Николовска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ