Законот за амнестија чека на потпис од претседателот Иванов
Законот за амнестија за 27 април утринава е испратен до кабинетот на претседателот Иванов, од кого се очекува да го потпише. Од Јавно обвинителство соопштија дека ќе чекаат Законот да биде објавен во Службен весник и по неговото објавување ќе го разгледаат и соодветно ќе постапат по решенијата предвидени во него. Рокот од пет дена, за обвинетите да поднесат барање за аменстија, ќе почне да тече откако тој ќе стапи на сила, веднаш штом биде објавен во Службен весник. А судот и обвнинителството ќе имаат рок од пет дебна да им одговорат.
Собранието вчера, со 95 гласа „за“ и во скратена постапка го усвои Законот за амнестија. Законот го поддржаа и пратениците на ВМРО ДПМНЕ, иако до последен момент бараа општа амнестија, а не селективна. За законот не гласаа 17 пратеници. Според законот, не може да бидат амнестирани организаторите и оние кои учествувале во подготовката, насилниците, оние кои што носеле оружје и експлозивни направи и службените лица кои постапиле спротивно на нивните овластувања. Според законот, секој од осудените, обвинети или осомничени ќе треба сам да побара амнестија, а судот и обвинителството ќе одлучат на кого се однесува помилувањето.