
Заканата за тужби од кабелските оператори улично плашење пилци?
Улично плашење пилци е некој што врши кривично дело да обвинува друг дека врши кривично дело.
Вака адвокатот Сашо Дуковски ја коментира заканата на здружението на информатичко-комуникациски технологии дека ќе ги тужат националните телевизии за тврдењето дека бескрупулозно ги пиратираат нивните програми. Ставот на петте телевизии не е резултат на рекла-кажала, вели адвокатот, туку се базира врз покренати постапки за две кривични дела по член 157 од Кривичниот законик.
Пријавите се против Македонски Телеком, поранешниот ОНЕ ВИП, сегашен А1 и Тотал ТВ, за повреда на авторско и сродно право и пиратерија на аудио и аудио визуелно дело.
Пиратирано е европското првенство во ракомет, шоуто на Елен Деџенерис и боксот, за кои Телма ги има откупено ексклузивните права.
Дуковски вели дека досега лесно се преминувало преку овие работи, но мора да се стави крај, затоа што не може некој да плаќа за секоја минута емитувана програма, а друг безобѕирно да ја презема и уште да профитира.
Кривичните пријави се поднесени пред една година, пред надлежниот јавен обвинител.
Раководни лица во кабелските оператори веќе биле повикувани на разговор во обвинителството. Адвокатот потсетува дека, реемитувањето на програми за кои националните телевизии имаат ексклузивно право, е кривично дело од највисок ранг во сите демократски држави.
Во некои од нив, казните за повреда на авторските права се повисоки и од тие што се изрекуваат за насилство, а во Америка тоа е федерално кривично дело. Првите луѓе на националните телевизии и на кабелските оператори попладнево повторно се повикани кај техничкиот премиер, Оливер Спасовски, во обид да изнајдат решение за излез од ситуацијата.
На вчерашниот состанок не е постигнат договор. Кабелските оператори деновиве се заканија и дека ќе ги исклучат сите домашни и странски канали, освен МТВ 1 и 2 и собранискиот канал.
Тие поднеле и иницијатива до Уставниот суд за да се донесе времена мерка за суспендирање на законското решение со кое се регулира оваа сфера.
Далиборка Демјанска Цветановска