
Заигра метла на улиците во изборна кампања
Заигра метлата денеска, но не во политиката, туку на улица. Двајца градоначалници, министер, дипломати се ангажираа во собирање отпушоци и лисја. Рекоа дека го прават тоа за подигање на свеста на граѓаните за јавната хигиена иако акцијата се одржува среде изборна кампања. Камери, микрофони, новинари, но и свита од 100-на луѓе од Комунална хигиена, од други јавни претпријатија и административци го овековечија моментот, најпрвин со навлекување хируршки ракавици и делење црни кеси за ѓубре. Имаше и вербална поддршка и пофалба за градоначалниците.
Таткото на градот, Петре Шилегов, не кажа зошто за оваа акција имаше потреба од толква помпа кога секој ден низ цела земја активисти и граѓани се мобилизираат и чистат, но никој не им обрнува внимание, дури ни надлежните. Па така на наплатната рампа на автопатот Скопје – Тетово со денови стојат вреќи собран смет од граѓански активисти, кои надлежните никако да ги транспортираат на депонија, а многу акции за чистење се игнорираат од локалните власти.
Шилегов во стилот на поранешните градоначалници и државни функцинери пред камера ги искара јавните претпријатија за негрижа.
Инаку свеста се подигаше цели 30-на минути и тоа од најупорните. Дел од насобраните беа дојдени за фотографирање и за плус во тефтерот на надредените.
Некои како публика и за лесна прошетка.
Вицепремиерот Бујар Османи, кој побара освен политички и реално да заигра метлата во земјава најдалеку отиде со чистењето.
Бидејќи „метлата“ влезе во високата политика сакам да испратам апел до политичарите дека треба да се фатат и за оваа вистинската, реална метла за да можеме да се соочиме со реалните проблеми на граѓаните, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.
Тој и неговите соработници подзачистија и на потегот пред МКЦ и МАНУ на пат кон својата канцеларија.
Тамара Грнчароска