
Захариева: Нашиот услов за Скопје отсекогаш е добрососедски односи
Нашата поддршка на евроинтеграцијата на Северна Македонија никогаш не била безусловна – има еден многу јасен услов, а тоа се добрососедските односи, изјави вицепремиерката и шефица на дипломатијата на Бугарија, Екатерина Захариева.
Не постои начин да се стремите да станете член на ЕУ и да имате нерешени билатерални односи. Тоа не е само бугарски критериум, туку еден од критериумите за членство во ЕУ – пријателски и добрососедски односи,
рече Захариева во изјава за бугарската ТВ Нова.
Според неа, историскиот дел меѓу Скопје и Софија е потешко прашање од спорот за името што беше решен со Договорот од Преспа.
Преспанскиот е билатерален договор. Не е лесно да се смени името на вашата земја, но историскиот дел меѓу Бугарија и Македонија е потежок. Целиот идентитет и историја од постоењето на Република Северна Македонија од 1944 година е заснован на делови од нашата заедничка историја,
истакна Захариева.
Таа вели дека Договорот за пријателство во кој е предвидена соработка во економијата, туризмот, инфраструктурното поврзување, културата, образованието, дава резултати. Но, нагласува шефицата на бугарската дипломатија, за да се решат отворените прашања нема да помогне ниту тврдата, ниту меката дипломатија, туку мора да има баланс и соработка.