
Заев во одбрана на Џафери: А како очекуваа да се одблокира Собранието?
Премиерот тврди дека немало друг начин да се одблокира Собранието, освен да се игнорираат амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за употреба на јазиците, на начин како што тоа го направи спикерот Талат Џафери. Вели дека Џафери постапил согласно деловникот, како и дека постојат институции што можат да кажат дали тоа било исправно или не?
Заев вели дека, за законот треба да се изјаснат и Уставниот суд и Венецијанската комисија, но првин мора Иванов да го потпише указот. Одлуката, да не го потпише, за него е флагрантно кршење на Уставот, што институциите не смеат да го дозволат.
Премиерот избегна директно да ја прокоментира изјавата на францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние, кој за порталот САКАМДАКАЖАМ рече дека, носењето на законот без минимум консензус и без цивилизирана дискусија може да ја проблематизира безусловната препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
„Вчера беше разочарувачки ден бидејќи видовме настани за кои мислевме дека веќе сме им го свртиле грбот. Не е мое да судам, но глетката што ја видовме беше сѐ само не глетка од еден парламент на европска држава. Во период кога земјите членки на ЕУ треба да се произнесат за препораката за преговори, посебно за условеноста на препораката, ќе се постави прашањето дали агендата на Прибе ќе биде брзо усвоена и формално ќе се отвори и прашањето за почитување на Копенгхашките критериуми. Европската унија може да интегрира само функционални демократии“, рече Тимоние.
Европската унија, пак, очекува законот да биде испратен до Венецијанската комисија. Портпаролката Маја Коцијанчич изјави дека неговата имплементација треба да биде во согласност со европските стандарди, а Собранието сега да се фокусира на реформите. Извештајот за напредокот на Македонија за членство во Европската унија ќе биде објавен на 17 април, а во јуни се очекува одлуката дали Македонија ќе добие препорака за почеток на преговорите.
Далиборка Дамјанска Цветановска