
Заев верува во одговорна одлука од Макрон, во првата наредна прилика
Македонскиот премиер, Зоран Заев смета дека средбата на претседателот Пендаровски со Еманел Макрон на 12-ти Ноември е можност плус францускиот претседател директно да биде запознаен со вистината за успесите на нашата држава и дека очекува одговорна одлука од Макрон во однос на почетокот на преговорите на нашата држава со Европската Унија , во првата наредна прилика.
- Јас верувам дека и тоа како е вредно да се размисли, уште еднаш напоменувам, ние бараме да ја држат нашата мотивација кон европскиот пат, не бараме веднаш членство. Сакаме да продолжиме по вистинскиот пат, по патот на реформите, по патот на трансформацијата на нашето општество. Јас верувам дека тоа е за нас можност, претседателот на голема Франција, еден европски лидер, ќе има можност повеќе да знае за нас, за нашите успеси и за пријателството кое го шириме овде во регионот, рече Заев.
Силна поддршка за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, денеска повторно изрази Јоханес Хан. Во своето последно обраќање пред комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, како еврокомесар за проширување и соседска политика, тој оцени дека ЕУ направила грешка од историски размери. Во однос на забелешките на Франција која инсистира на внатрешна реформа на Унијата, пред продолжување на процесот на проширување, Хан подвлекува дека двата процеси треба да се одвиваат паралелно, додавајќи дека доколку тоа не се направи, Македонија и Албанија ќе треба да го одложат своето членство во Унијата 30 години во иднината .
- ЕУ во светот е симбол за успех на мултилатерализмот. Со неносењето одлука за ова прашање нашиот кредибилитет а нарушен а тој е еден од нашите главни квалитети. Дадовме ветувања дека откако ќе се исполнат критериумите, ќе превеземе одредени чекори. Не го исполнивме своето ветување и се надевам дека таа одлука ќе биде променета. Огромно мнозинство од земјите членки со години бараа отворање на преговорите, потенцираше Хан.
Француските барања за промена на методологијата на преговарачкиот процес ќе биде подетално разгледани на состанокот на министрите за надворешни работи и за Европа, кој е закажан на 19-ти Ноември во Брисел. Не се очекуваат конкретни заклучоци, но според најавите од Париз, Франција смета дека земјите кандидати треба побрзо да ги користат придобивките од ЕУ за областите во кои напредуваат , но процесот треба да е реверзибилен, односно земјата кандидат да изгуби одредени бенефиции, доколку назадува во реформите.
Покрај резервите во однос на проширувањето на ЕУ, францускиот претседател со остри зборови ги предупреди европските држави за ситуацијата во столбот на евроатлантското партнерство – НАТО. Во моментов сме сведоци на мозочната смрт на НАТО, вели Макрон во интервјуто за Економист, додавајќи дека Европа стои на работ на бездната. Тој ги предупреди европските држави дека не може повеќе да се потпираат на верувањето дека САД ќе ги одбрани своите НАТО сојузници и дека мора да почнат себеси стратешки да се позиционираат како геополитичка сила.
Никола Илиевски