Заев: Сите да се посветиме на истите стратешки цели и да ги запреме поделбите

Целосна посветеност на стратешките цели на земјата – влез во НАТО и ЕУ, но и натамошно чекорење на патот на безбедна, стабилна, сигурна, мирна и пријателска земја, во која сите заеднички ќе се борат против сиромаштијата и корупцијата, против загадувањето и за подобра економска состојба побара денеска премиерот Зоран Заев од секој поединец во земјава, но и од политичките чинители, земјоделците, бизнисмените, жените на прославата на Денот на независноста – 8 Септември, што се одржа на Школка во Градскиот парк во Скопје.

Кога разговараме и дебатираме за безбедна, сигурна, мирна, пријателска и стабилна, европска Северна Македонија, не разговараме за држава на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, на ДУИ или за држава на која било друга политичка партија. Ако сме сите посветени на исти, стратешки цели за нашата држава, за сите наши граѓани, тогаш ќе имаме поблиска соработка и нема да има толку длабоки делби меѓу нас, порача премиерот Заев во својот говор пред присутните на прославата, која денеска се одржа под мотото „Боите на независноста“ во организација на Владата.

Тој нагласи дека во периодот од 75 години од државотворниот АСНОМ и 28 години пат на самостојно една од најважните лекции е онаа за демократијата.

Се дигнавте против делбите, кавгите и против тесно партиски интереси и јасно порачавте, и нам и на денешната опозиција, дека е време за да го фатиме вистинскиот, правиот пат и да одиме напред, рече тој.

Говореше за стратешките цели на земјата – влезот во ЕУ и НАТО, нагласувајќи дека европските вредности се иднината на земјата.

Стартот на преговорите за членство во ЕУ, во октомври ќе го зајакне континуитетот на домашните реформи. Остануваме посветени на зајакнување на владеењето на правото и зголемувањето на животниот стандард, а членството во НАТО и преговорите за членство во ЕУ ќе ни дадат дополнителна енергија и поддршка за тие реформи, истакна премиерот.

Упати порака и до бизнисмените и земјоделците да го дадат својот придонес за еднаков пристап до пазар од 500 милиони потенцијални клиенти – Европскиот пазар, но и до студентите да ги запознаат и шират перспективите за неограничени можности за патување и учење, за градење искуства и вештини кои ќе им создадат шанси за добро платена работа, тука во нашата земја.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ