
Заев „се спаси“ од министерството за финансии и глоба од 500 евра- ВМРО-ДПМНЕ го прати на “нивното“ Белизе
Законска бомба со европско знаменце, членот 44 од законот за спречување на корупцијата ја спречи намерата претседателот на владата да го води и министерството за финансии. До 19-ти јануари оваа година, Заев можел да биде и премиер и министер, но оттогаш законски се неспоиви функциите премиер и министер.
Иако владината реконструкција и операцијата „метла“ се подготвуваа речиси два месеци, правниот тим и премиерот кои ја подготвуавле реконструкцијата на владата не ја забележале анти-корупциската забрана за две фотељи на ист човек во иста влада.
Антикорупциската комисија со допис претпладнево ги потсети пратениците дека тоа е спротивно на законот и дека тие како службени лица се должни да го спречат тоа.
Во случај кога претседателот на владата на Република Северна Македонија би се избрал за министер за финансии ќе настане повреда на цитираните членови (член 44 и 72 од Закон за спречување на корупција и судир на интереси) при што Државната комисија ќе биде принудена да превземе конкретни мерки согласно нејзините надлежности утвдени во Законот, му напиша ДКСК на спикерот Талат Џафери.
За кршење на законот е предвидена глоба од 300 до 500 евра.
Заев кога ја претставуваше реконструкцијата, рече дека и поради дописот но и поради негативните реакции во јавноста за двојната функција ќе ја повлече кандидатурата и привремено ќе го полни министерското столче до избор на наследник на Драган Тевдовски.
-Уставот и Законот за Влада дозволуваат премиерот да биде и министер. Сепак, му дадов налог на кабинетот да ја повлече мојата кандидатура за министер за финансии. Согласно овлатувастувањата со Законот за Влада, ќе раководам со Министерството за финансии, се до изборот на нов министер, изјави Зоран Заев, претседател на владата.
Привременото работење како министер за финансии може да најде лабава законска подлога во членот 1 од законот за владата, иако пак во друг законот за организација на државната управа е регулирано дека само заменик министер може да го менува министерот доколку овој е спречен да си ја врши работата.
Опозицијата е на став дека Заев не може ниту да биде ниту привремено да менува министер за финансии затоа што е противзаконски и опасно по државните и народните пари. Како пример беше наведена позната централно американска дестинација (Белизе) каде во време на претходната власт се одлеа многу македонски капитал.
Ако во иднина потпишете каков било документ како министер за финансии, а притоа таму си има заменик-министер, вие Зоран Заев го кршите Законот за органите на државната управа. Единствен друг пример на држава каде премиер е и министер за финансии е Белизе, а тој таму е познат по корупција и криминал и во таа држава и надвор од неа, рече Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
-За Белизе не знам од кај ви е познато, ама изгледа знаете вие. Законот за Влада го дозволува и ме обврзува на тоа да обезбедам целосна ефикасност на Владата. Премиерот може да влијае на политиките на сите министри. Јас не сум таму за да потпишувам, туку за да ги исполнам политиките за бенефит на граѓаните, возврати Заев од собраниската говорница. Судбината на досегашниот чувар на државната каса според Заев е решена, Тевдовски заминува, иако не поднел писмена оставка. Но се уште не е познато кој ќе седне во неговото жешко столче како министер, а не како привремена замена.
Миомир Серафиновиќ