
Заев: Сакаме до летото да го решиме спорот околу името
Може да се направи исчекор во спорот околу името, можеби не до крај да се реши, но секако да се приближат позициите на двете страни, е оцената на премиерот Зоран Заев за претстојната посета на шефот на грчката дипломатоија, Никос Коѕијас на Македонија. Според Заев времето минува и македонската страна сака до летото да го има решено спорот.
„Ова се следни чекори за приближување кон решавање на проблемот што Грција го има со нашето уставно име – верувам дека тоа е можно да се најде, оптимист сум ако водиме сметка за достоинтството и идентитетот. Верувам дека може да се направи исчекор, можеби не до крај да се реши, но секако да се приближиме зашто деновите и месеците се трошат, а ние сакаме до летото да го имаме решено овој проблем. Верувам дека тоа сака да го направи и грчката страна“, изјави Зоран Заев, премиер на Македонија.
Коѕијас се очекува да ја пристигне во Македонија в четврток попладне по што би имал неформална работна вечера со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, додека официјалните средби на Коѕијас со Димитров, премиерот Зоран Заев, претседателот на државата, Ѓорге Иванов би се одржале в петок на 23 март.
Посетата на Коѕијас на Македонија инаку е претходница на новата рунда разговори меѓу двете страни застапувани лично од шефовите на дипломатиите, под медијаторство на Метју Нимиц, а која, неофицијално, би се одржала идната недела во Виена.
Инаку Коѕијас во Скопје неделава ќе ја донесе и грчката предлог-спогодба за надминување на спорот на 20 страници. Грчките медиуми денеска објавија дека документот содржи околу 55 параграфи за сите отворени прашања поврзани со името. Самиот Коѕијас најавувајќи ја спогодбата на крајот од јануари рече дека таа опфаќа седум области во однос на процесот на преговори кој се води меѓу двете страни: името, употребата на името, идентитетот, јазикот, трговската употреба, акронимите и знаците, но и барање за промена на македонскиот Устав, во преамбулата и во два члена.
Во однос на имињата кои се предлгаат медиумите во Грција наведуваат дека „фаворити“ на Атина се Горна Македонија и Нова Македонија, но без превод. Според грчките медиуми нацрт-спогодбата неофицијално уште минатата недела и е доставена на македонската страна, откако беше дополнета од грчкото МНР и презентирана на грчката влада на 7 март.
Заев за тоа дали ваквите барања на Грција можат да му наштетат на процесот на преговорите под покровителство на ОН, а за кои Нимиц е дециден дека немаат мандат да преговараат за идентитетски прашања, минатата недела рече дека секој документ кој што ќе дојде од било која страна и би бил од помош за конечно решавање, е вреден за разгледување.
„Ако е од помош, сето тоа што е од помош ќе го искористиме да помогне во процесот, ако не е, не е. Важно е тоа што доаѓа од медијаторот. Тоа што двете страни сме согласни е дека процесто мора да подолжи под раководство на ОН, бидејќи на двете страни така и им треба – да биде верификуван во ОН“, изјави Зоран Заев, премиер на Македонија (13.03.2018).
Во меѓувреме пораките од меѓународната заедница се дека сега е создаден вистински момент за решавање на спорот. Тоа денеска го повтори и амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар, кој рече дека преговорите меѓу Македонија и Грција се движат во добра насока. Тој притоа отфрли можност Унијата да се ангажираат директно во процесот на преговорите, додавајќи дека тие треба да продолажт во форматот под покровителство на ОН.
„Преговорите за прашањето со името под покровителство на ОН, течат добро. Сметам дека тие во овој формат треба и да продолжат. Така што не очекувам дека промената на форматот на преговорите ќе придонесе кон постигнување на договор и решение за прашањето со името. Сметам дека таа одлука, односно решение треба да ја донесат двете инволвирани страни. Во моментов и двете страни се одлучни тоа да го направат. Европската унија е тука да го поддржи процесот и да ги охрабри двете страни да дојдат што поскоро до конечното решение“, рече Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ во Македонија.
Пораката пак од САД за преговорите ја испорача минатата недела помошник државниот секретар Вес Мичел кој рече дека единствено прифатливо решение во спорот е заедничко решение. Тој по средбата со Заев изјави дека Македонија направи огромни чекори напред, истовремено дека се преземени чекори и од грчка страна и оти тоа е огромна можност за доаѓање до решение.
Тамара Грнчароска