
Заев ретерира: „Замрзнати“ е претежок збор
Премиерот ретерираше во ставот дека, делови од Преспанскиот договор ќе бидат замрзнати откако Македонија не ги почна преговорите со ЕУ. Прашан на кои точно делови мисли кога зборува за ова прашање во интервјуто за Еуроњуз, рече дека се изразил несоодветно. Намерата му била да испрати порака до ЕУ, да го забрзаат отворањето на поглавјата, затоа што се формално правно врзани со договорот.
Вчера и министерот за надворешни работи изјави дека Преспанскиот договор не може целосно да се имплементира ако државата не ги почне преговорите со ЕУ, затоа што, промената на постоечките внатрешни документи почнува и завршува во рок од 5 години од отворање на поглавјата. Овие изјави предизвикаа реакција од шефот на грчката дипломатија, Никос Дендијас, кој обвини дека Заев ги искористил проблемите од договорот и дека внимателно ќе го следат исполнувањето на обврските.
Реакциите на нашите експерти, пак, отидоа дотаму што се бара и посредникот во македонско-грчкиот спор, Метју Нимиц, да го протолкува Договорот. Сметаат дека, треба да се анализира секој член посебно, затоа што еден дел е врзан за пристапните преговори, а друг не е.
Премиерот денеска негираше и дека до владата стигнала покана за приклучување во Евроазиската унија, во која деновиве се приклучи Србија. Тврди дека, ЕУ е единствената опција за Македонија и нема друга алтернатива.
Далиборка Демјанска Цветановска