
Заев: Работните средби со опозицијата не се пазар за спас од криминалот
За личности и имиња во правосудството не се разговара му порача премиерот Зоран Заев на лидерот на опозицијата Христијан Мицковски околу несогласувањето дали Катица Јанева и нејзиниот тим треба или не треба да продолжат да го водат СЈО.
Во пресрет на разговорите на работните групи на владата и опозицијата, тој вели дека единствено што му е познато од ставовите на Христијан Мицкоски е тоа дека не му се допаѓа Катица Јанева, а републичкиот обвинител да се избира по предлог на опозицијата, што, пак е неприфатливо за Заев.
Владата нема да преговара на оваа тема, туку ќе води разговори – вели Заев во одговор на новинарско прашање.
– Кој сум јас и кој е Христијан Мицкоски да кажуваме кои обвинители треба да бидат избрани, а кои не, кога има Совет на јавни обвинители и таму се прави изборот – рече Заев.
Според досегашните јавно искажани ставови, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски бара специјалната обвинителка Катица Јанева да не го води повеќе ова обвинителство, затоа што смета дека таа работи селективно и дека е политичка алатка против неговата партија.
Од правда претходно пристигнаа и првите сигнали дека законот за СЈО нема да помине кај 80 пратеници во Собранието.
Оттогаш владиниот коалиционен партнер ДУИ постојано повторува дека тие како партија даваат поддршка за СЈО.
Според Заев , ако опозицијата реши да не гласа за овој системски закон, кој се носи со двотретинско мнозинство, тогаш СЈО продолжува по старо со постоечките закони, бидејќи, како што кажа, Република Северна Македонија мора да се постави на цврсти правни основи и мора да ја биде, одрекувајќи повторно дека се работи за пазарење за сторен криминал во минатото и спасување на некои бивши или сегашни функционери.
Премиерот Зоран Заев рече дека нема да има нова амнестија во следниот период, додавајќи дека не верува ниту амнестирање од страна на претседателот Ѓорге Иванов чиј мандат наскоро истекува.
„Не верувам дека ќе има амнестија, нема потреба од такво нешто, и нема такви случаи. Ниту некој планирал амнестија. Делот на законот за амнестија се случи во рамките на помирување, кога на државата и требаше 2/3 мнозинство за уставните измени. Парламентот нема потреба да посегнува во вакви работи. Не верувам дека никој од институциите ниту министерството, ниту претседателот Иванов ќе амнестира“, изјави Заев.
Парламентарното мнозинство очекува Законот за јавното обвинителство и Законот за Агенцијата за национална безбедност да се усогласат и да бидат изгласани до крајот на март, односно пред почетокот на претседателската кампања, теми за кои се договорија да се преговараат Мицковски и Заев на лидерската средба.
Павле Беловски