
Заев прифати ТВ дуел со Мицкоски
Премиерот Заев ја прифати поканата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за телевизиски дуел. Останува да се договори терминот и медиумот на кој ќе се соочат. Ова ќе биде прв дуел на лидери на партии после 20 години. Последниот беше во 1998 година меѓу тогашните претседатели на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски. Две децении челните луѓе на партиите одбиваа да ги спротистават аргументите и ставовите пред јавноста. Од Владата велат дека Заев е подготвен да се соочи со Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски доцна синоќа ја фрли ракавицата за тв дуел. По седницата на Централниот комитет соопшти дека ја прифаќа поканата на Заев за тет а тет средба, но само пред очите на јавноста.
На 2 јуни ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи голем протестен собир пред Владата во пресрет на годишнината од владеењето на СДСМ и на ДУИ. На протестот ќе го изразат незадоволството од нереализираните ветувања, отсуството на реформи во здравството, образованието, социјалата како и стагнацијата на економијата. По одржувањето на протестот партијата ќе отпочне со теренски активности на кои ќе ги претстават концептите на новото раководство.
Јулијана Пешевска