Заев побара моратариум на политичките кавги

Со интонирање на химната на НАТО пред владата денеска беше развиорено знамето на НАТО. На свечената церемонија на која присуствуваа голем број актуелни и поранешни високи државни и партиски функционери, претставници на судската власт, на дипломатскиот кор во земјава, се обрати премиерот Зоран Заев. Тој во својот 30 минутен говор испрати повеќе пораки меѓу кои и таа дека Македонија во наредните денови ја почнува следната комплексна етапа во изградбата на државата, според европски стандарди, во која никој не може да ја блокира земјата од надвор.

Но и покрај тоа, рече рој, не е време за еуфорија, туку дека земјата ја чека повеќегодишна работа на спроведување на реформите. Заев најави системски реформи во институциите, но и во општеството, еднаквост пред правдата на сите и нула толеранција за корупцијата.

„Во институциите нема место за оние кои со своето работење ја изневеруваат довербата, за лични интереси и привилегии. Корумпираните ќе се соочат со одговорноста. Поткупот, личните интереси и привилегиите нема да бидат начин на кој се води бизнисот во нашата земја. Секој мора да ги следи правилата, без оглед колку е голема нивната банкарска сметка, без оглед кои им се пријатели. Сите се еднакви и тие што се од партии и тие што немаат ништо со партии“, рече Заев.

Заев вети дека резултатот од овие реформи ќе биде видлив веднаш бидејќи граѓаните гласале за тоа.

Премиерот најави дека освен членството во НАТО иднината на земјата е и ЕУ. За исполнување на таа цел Заев побара од сите политичарите и партии искрено и без лицемерие да го стават тоа како најважен национален и државен интерес.

„Друг подобар избор и друго подобро решение немаме. Да не се лажеме, никогаш не сме ни имале, ниту пак некој релевантен во земјата понудил поинакво решение. Никогаш  не било поизгледно нашето членство во европското семејство како денес“, порача Заев.

Тој освен ова барање до нив упати и порака битката за власт во земјава да не го попречува тој пат на земјата.

„Мојот предлог за помирување беше и се уште е во таа насока. Да ја вратиме довербата со тоа што ќе ставиме мораториум на кавгите кои ги попречуваат, или оддалечуваат нашите најголеми државни интереси и стратегиски цели за кои сите тврдиме дека се неспорни… Не смееме да дозволиме битките за власт да ги попречуваат и одлагаат нашите цели“, рече Заев.

Во обраќањето Заева најави дека Македонија во наредната деценија години ја очекуваат многу предизвици, но и работа, алудирајќи на преговорите за членство во ЕУ за кои рече дека Брисел нема да биде попустил и да и гледа на земјата низ прсти. Крајната цел, како што рече, не е само членството во Унијата, туку европеизацијата на земја, што е многу подолг процес од остварувањето на членството.

Заев кој обраќањето го започна со зборовите дека наскоро на владата ќе биде поставено името Република Северна Македонија, обраќањето го заврши со зборовите:

„Да живее европска Република Северна Македонија!“

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ