Заев по средбата со Хан: Ни треба позитивна одлука сега и веднаш

Немојте да бидете наша пречка, бидете наши херои. Со овие зборови премиерот Зоран Заев од Брисел ги повика европските лидери да и дадат на Македонија датум за почеток на преговори на самитот што почнува утре. На помалку од 12 часа пред почетокот на самитот, Владата ги прави последните обиди да издејствува отворање на преговори. Аргументите и се дека земјата направи многу и дека е подготвена да ги почне преговорите. И политички и институционално. Затоа бара преговори сега и веднаш.

На лидерство кај европските лидери повикува и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Тој по средбата со премиерот зборуваше колку болни и тешки реформи направи Македонија и дека земјата заслужува почеток на преговори.

За сега, и Хан и Заев се оптимисти дека на самитот на европските лидери утре и задутре во Брисел ќе одобрат почеток на преговори. Затоа и премиерот не одговори директно на прашањето што ќе се случи ако нема одлука за датум? Ќе доведе ли тоа до пад на Владата и негова оставка?

Прогнозите се дека дискусиите на европските лидери на утрешниот Самит ќе бидат долги и тешки. Проширувањето е само една од темите каде Франција инсистира прво на промена на начинот на преговарање, а потоа на проширување на Унијата со нови членки. Тука е и прашањето за Брегзит, но и за односите со Турција по воената акција врз сириската граница.

Од Брисел за Телма, Марија Дивитарова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ